Тачи, Бонева и Ибраимовски на распит во СЈО

22.08.2016 15:53

Специјалното јавно обвинителство најави интензивна работна недела. Денеска во обвинителството на распит беа Мендух Тачи, претседателот на ДПА, Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ и Самка Ибраимовски, лидерот на Партијата за целосна еманципација на Ромите. Нема подетални информации за кои предмети станува збор...

„Кога зборува правдата политиката треба да молчи“ изјави лидерот на ДПА Мендух Тачи по едночасовниот распит во Специјалното јавно обвинителство. Не откри за кој случај бил повикан.

„Во вакви ситуации не се даваат изјави, но јас одлучив поради коректнио однос што го имам со медиумите да дадам изјава- кога зборува правото, политикта треба да молчи“, рече Тачи по денешниот распит.

И поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ и член на ДИК, Силвана Бонева не обелодени во кое својство е повикана и за кој предмет што е во предистражна постапка во СЈО. Вели дека деталите за тоа требало да ги даде обвинителство што ги повикало медиумите.

„Кога во Собранието го гласав законот за СЈО, во ниедн одредба не стоеше дека предистражната постапка која е тајна, треба да биде медиумско- политички циркус“, изјави Бонева.

Претседателот на Партија за целосна еманципација на Ромите, Самка Ибраимовски изјави дека дека во СЈО бил повикан за случај со изборите во Шуто Оризари.

„Во интерес на истрагата не можам сите детали да ви ги кажам, но конкретно да ви кажам дека се работи за криминалните избори во Општина Шуто Оризари, во изборната единица број два“, изјави Ибраимовски.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева минатата недела соопшти дека СЈО ќе ги интензивира распитите. Засега не откриваат детали за кои случаи станува збор.

 

Наташа Гркова- Петрушевска