Следуваат подобри временски услови за земјоделството

23.08.2016 09:58

Градинарските култури од поплавените подрачја според експертите треба да се заораат или уништат, дури и оние кои кратко време биле поплавени со загадената вода. Во другите делови од земјава временските услови се поволни за земјоделството...

Состојбата со земјоделското производство е вообичаена за овој период од годината. Влажноста во почвата е добра, особено во подлабоките слоеви што ќе придонесе за зреењата на овошките, раните сорти на десертно грозје како и зреењето и бербата на тутунот.

Средината на месец Aвгуст е период на подготовка на силажа од пченка, особено во услови каде има наводнување и во моментов се наоѓа во фаза на  зрелост со добро развиена листна маса, неопходна за квалитетна силажа.

Во наредниот период временските услови со температури од 30-33 степени, според Ангелко Ангелески од Управата за хидрометеоролошки работи, ќе овозможат нормални услови за развој на културите, а очекуваните повремени врнежи ќе ја подобрат влагата во почвата која на одделни места недостасува само во површинскиот слој.

 

Методија Трајков