Почна исплатата на авансната помош за поплавените
Од Министерството за финансии тврдат, исплатата ќе се реализа согласно со податоците доставени од Комисијата за надоместок на штети...

Почна авансното обесштетување на загрозените семејства од поплавените региони. На сметката на 2.154 лица се префрлени по 500 евра, надоместок за почентно санирање на штетите. Од Министерството за финансии тврдат, исплатата ќе се реализа согласно со податоците доставени од Комисијата за надоместок на штети.
„Исплатата ќе продолжи и во наредниот временски период, согласно податоците кои ќе ни бидат доставувани од Комисијата за надомест на штети. Се работи за префрлање средства на 2.154 граѓани“, изјави вчера министерот за финансии, Кирил Миноски.
Секое семејство треба да добие надомест од 500 евра, кои им се неопходни за почетно санирање на штетите. Аванс ќе им биде исплатен и на другите поплавени семејства.
Како тимовите за проценка на штети завршуваат со работа во домовите, така и граѓаните телефонски ги пријавуваат своите сметки во деловните банки на кои треба да им се префрлат парите од авансното обесштетување. Пријавувањето се врши на четири фиксни телефонски линии и на мејлот на Министерството за финансии и со СМС порака со име и презиме и име на банката на мобилниот број 070/271-410.
Откако тимовите за проценка на штети ќе завршат целосно со работата, ќе следува исплатата на штетата, при што износот на авансното обесштетување ќе биде одбиен од целата сума.
