Турција ги чисти границите од терористи

23.08.2016 10:49

Турција ги гранатира Сириските Курди и Исламска Држава. Интензивните напади следуваат по одлуката на официјална Анкара за чистка на границите од терористите...

Турската војска ги нападна позициите на Курдите и Исламска држава во пограничните области на Сирија. Упориштата во Манбиџ и џихадистите во Џараблус се главните цели на маратонските гранатирања кои следат по одлуката на официјална Анкара да ги исчисти границите од бунтовниците на терористичката група.

Како членка на НАТО, Турција, покрај справувањето со курдскиот бунт на својата територија, е загрижена и за обидите на сириските Курди да се пробијат западно од нејзината граница. Според Анкара, курдската милиција „Единици за одбрана на народот“ (YPG), кои имаат логистичка и стратегиска поддршка од американските специјалци, е огранок на Работничката партија на Курдистан (ПКК) која со децении се бори за автономија во југоисточна Турција.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу истакна дека неговата земја е главна цел на теористите поради борбата што ја води против нив.

„Турција води борба против терористите. Тие целат кон претседателот Ердоган зашто Турција им нанесе силен удар. Им дозволивме на коалициските сили да ја користат базата инџирлик за воздушни напади и соработуваме со нив“, вели Чавушоглу.

Во меѓувреме, некои медиуми објавија дека помошник на шефот на турската разузнавачка служба, Хакан Фидан, тајно го посетил Дамаск за  да разговара за курдското прашање со високите членови на сириските специјални служби во северна Сирија, каде што курдите претходно прогласија федерална област.