Со поддршка од Турција, сириската опозиција најави офанзива врз ИД
Со поддршка од Турција, сириската опозиција најави офанзива врз Исламска држава во Џараблус. Турција втор ден ги гранатира Курдите и бунтовниците на Исламска држава во овој град и во Манбиџ. Интензивните напади следуваат по одлуката на официјална Анкара за чистка на границите од терористите...

Турската војска ги нападна позициите на Курдите и Исламска држава во пограничните области на Сирија. Упориштата во Манбиџ и џихадистите во Џараблус се главните цели на маратонските гранатирања кои следуваат по одлуката на официјална Анкара да ги исчисти границите од терористичката група. И сириската опозиција подготвува офанзива, но од турска територија. Целта е да се сочува единството на Сирија и остварувањето на народните интереси.
Како членка на НАТО, покрај проблемот со Курдите на домашен терен, Турција е загрижена и за обидите на сириските Курди да се пробијат западно од нејзината граница. Според Анкара, курдската милиција „Единици за одбрана на народот“ (YPG), која добива логистичка и стратегиска поддршка од Соединетите американски држави е огранок на Работничката партија на Курдистан (ПКК) која со децении се бори за автономија во југоистокот на земјата. Курдите, пак, ја обвинуваат Турција дека ја користи коалицијата против Исламска држава како маска за нападите врз ПКК во Ирак и Сирија.
„Ние сме главна цел на терористите зашто водиме решителна борба против нив“, нагласи министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу.
„Турција води борба против терористите. Тие целат кон претседателот Ердоган зашто Турција им нанесе силен удар. Им дозволивме на коалициските сили да ја користат базата Инџирлик за воздушни напади и соработуваме со нив“, вели Чавушоглу.
Во меѓувреме, некои медиуми објавија дека помошник на шефот на турската разузнавачка служба тајно го посетил Дамаск за да разговара за курдското прашање со високите членови на специјалните служби во северна Сирија, каде што Курдите претходно прогласија федерална област.
