ДЗС го заврши ангажманот во поплавените подрачја

23.08.2016 14:07

Дирекцијата за заштита спасување (ДЗС) со 3.400 вработени исчистила и тампонирала 71 улица со вкупна должина од 15.700 метри, а исчистени се канали и речни корита во должина од 8,6 километри...

Во поплавените подрачја односно во Црешево, Смилковци, Булачани, Брњарци, депонија Арачиново, Сингелиќ, Камник, Стајковци, Раштански пат и Инџиково, Дирекцијата за заштита спасување (ДЗС) со 3.400 вработени исчистила и тампонирала 71 улица со вкупна должина од 15.700 метри, а исчистени се канали и речни корита во должина од 8,6 километри, информираше директорот Шабан Салиу.

Дирекцијата од кризните подрачја денеска ги повлекува сите 96 камиони и багери кои биле ангажирани во расчистување. Извршивме дезинфекција и дератизација на 447 објекти, испумпана е вода и кал од 53 куќи. Исчистени се 67 септички јами, исчистени се куќи и дворни места од кабаст отпад од околу 129 домаќинства.  Санирани се 12 свлечишта со вкупна должина од 770 метри, санирани се темелите на една куќа, и потпорни ѕидови на 10 куќи со вкупна должина од 270 метри, истакна Салиу.

Преку ДЗС ангажирани биле 19 фирми. Директорот Салиу се заблагодари на сите кои помогнале, како и на државите кои донираа помош од технички средства, пумпи за испумпување на вода, агрегати, кревети за спиење, душеци, средства за дезинфекција и друго.

Салиу изрази сочувство до фамилиите од настраданите во поплавата и информира дека се уште не е пронајдено 16-месечното дете по кое се трага.