Собрани над 740.000 евра помош, акцијата ќе трае до 29-ти август

23.08.2016 15:40

Околу 740 илјади евра финансиска поддршка во форма на донации е собрана за настраданите во полавените подрачја- информираше првиот човек на Црвениот крст. Помош собираат и синдикатите од регионот и од Европа...

Над 740.000 евра се собрани во Црвениот крст од донации за поплавените- информираше генералниот секретар Саит Саити. Поради сѐ уште непристигнати, но договорени донации, како и поради зголемен интерес во јавноста, хуманитарната акција ќе трае до 29-ти август. Откако Црвениот крст ќе ги добие финалните списоци со оштетените семејства, собраните средства наредната недела ќе се распределуваат на граѓаните.

„По правење на финалниот пресек, во зависност од тоа колку средства ќе има, и секако користејќи ги проценките кои ќе бидат проверени во меѓувреме, ќе извршиме линеарна дистрибуција на средствата кои ќе бидат собрани заклучно со 29-ти. Тоа значи дека секое семејство кои ќе фигурира на список како настрадано, на линеарен начин ќе добие хуманитарна помош“, изјави Саити.

До крајот на неделава ќе трае и хуманитарната акција на Сојузот на синдикатите, вели првиот синдикалец Живко Митревски. ССМ досега собра финансиска помош за настраданите, а помогна и со ангажман на терен во расчистување на поплавените региони.

„Од наша страна ги активиравме сите механизми на меѓународен план. Тоа значи дека заедно со сите синдикати од опкружувањето, со сидикатите од сосдството реализиравме акција за помош. Исто така од европскиата и светската конфедерација на синдикати очекуваме помош за справување со оваа кризна состојба“, рече Митревски.

Меѓу македонскиот Црвен крст и ССМ е договорена натамошна соработка за помош на подрачјата погодени од поплавите.

 

Миле Ристески