Субвенции за вработување 100 лица во социјален ризик
Во наредните две недели приватните фирми може да аплицираат за субвенции од државата за вработување на лица од социјално ранливите категории. Субвенцијата од 22 илјади денари ќе може да ја добиваат во период од половина година, по што ќе имаат обврска барем уште толку да ги задржат на работа лицата коишто ги ангажирале.

Приватните фирми коишто ќе вработат лица од социјален ризик во наредните шест месеци ќе добиваат по 22 илјади денари субвенција од државата. Од тие пари, 17 илјади ќе бидат наменети за плата на работникот и дополнително 5 илјади за негова едукација, информираа од министерството за труд и социјална политика.
„Ги поттикнувам приватните компании да ја искористат оваа можност и да аплицираат на јавниот повик кој е објавен денеска. Обезбедените средства за годинава се во висина од 16 милиони и 600 илјади денари и предвидени за субвенционирање вработување 100 лица во социјален ризик“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Огласот ќе трае во наредните 15 дена. Сопствениците на фирмите ќе можат да ја искористат и поволноста од проектот Македонија Вработува и да бидат ослободени од плаќање на придонеси во период од пет години.
Под лица во социјален ризик коишто треба да ги ангажираат, спаѓаат приматели на социјална помош или на условен паричен надоместок, жртви на семејно насилство, деца без родители, како и лица кои имаат ниски примања.
Анита Димитријевска
