Авансна помош за сите погодени во поплавите
Постепено се нормализира состојбата во поплавените региони. Калта речиси е исчистена, се прави обид во најзагрозените куќи да се обезбедат основните услови за живот. Граѓаните евидентирани од Комисијата за проценка на штетите веќе може да ги повлечат и парите од авансното обесштетување. На 1-ви септември ќе заѕвони и училиштното ѕвонче во основното училиште „Кирил и Методиј“ каде што беше главниот штаб за справување со поплавите...

Жителите од поплавените региони одат во банка за да го земат авансираното обесштетување. На терен, продолжува евиденцијата на луѓето чиишто имоти беа уништени во невремето.
„Ме нема на список, одам до банката да прашам“, вели жител од Стајковци.
„Ме нема на список и мене, а се јавив, бев и во банка- нема“, додава друг жител од Стајковци.
Комисиите ги коригираат случаите каде што се појавиле проблеми при записот.
„Луѓето што ги нема на списоците, како се ажурираат податоците, така нови списоци ни стигнуваат. Има проблем што се јави, кога биле проценителите на лице место, дали лична карта синот, а имотот е на таткото. Тоа треба да се среди во финансии, верувам дека ќе се реши за ден- два“, изјави Тони Бојковски, општина Гази Баба.
Во Стајковци сѐ уште се расчистуваат куќите. Се врши дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Жителите и натаму добиваат волонтерска помош.
„Минатата година и ние го имавме истиот проблем, имаше поплави во нашата општина, сочувствуваме со граѓаните тука и дојдовме да помогниме“, изјави Марјан Котевски, ФК Новаци.
Во селата се и медицинските тимови. Се чисти училиштето „Кирил и Методиј“ каде што беше сместен кризниот штаб.
„Подготовките се во тек, училиштето е целосно исчистено, а со помош на УСАИД и општината Гази Баба ќе се врши целосна дезинфекција и дератизација на училиштето. Реконструкцијата на катот е при крај, па така во целост ќе бидеме подготвени за старт на учебната година на 1-ви септември. Како и во секое училиште и во нашето ќе заѕвони ѕвончето“, изјави Ана Петровска, директор на ОУ „Кирил и Методиј“.
Животот се нормализира.
„Калта што беше сѐ се расчисти, улиците се чисто што е најбитно, сега ќе се тампонира, ќе се асфалтира“, вели жителка на Стајковци.
Калта и сметот ги снемува, но неподносливата реа сведочи за катастрофалните последици од елементарната непогода.
Во Стајковци сѐ уште се расчистуваат споредните улици, се очекува во наредните денови тие да бидат тампонирани.
Наташа Гркова- Петрушевска
