Претставена методологијата за изборното известување
Агенцијата за медиуми ја соопшти нацрт- методологијата според која ќе се врши мониторинг за време на изборниот процес. Интернет порталите се изземени од набљудувањето...

Балансираност во известувањето и вклученост на опозицијата во новинарските извештаи најмалку 50% од времето во кое е застапена власта, формирање на привремена Комисија за следење на медиумското претставување, како и јасно издвојување на коментарот од останатите жанрови. Ова се дел од точките на нацрт- методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси која денеска ја презентираше Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги. Оттаму велат дека 100 дена пред денот на изборите медиумите мора да почитуваат правила кои се практикуваат во повеќе европски земји.
„Ги консултиравме искуствата од европските земји и се одлучивме за францускиот модел за постигнување на политички плурализам надвор од изборни периоди, да го прилагодиме на македонската практика и регулатива“, вели Зоран Трајчевски- директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги.
Изземањето на интернет порталите од мониторинг, како и улогата на ад хок телото беа главна тема на расправа меѓу присутните.
„Агенцијата нема право и мора да ги вложи сите рсурси и напори интернет порталите да влезат во мониторирањето“, рече Боби Христов, телевизија „Телма“.
„Бидејќи ситуацијата е комплексна, требало да се потенцира каде и каква ќе биде улогата на ад хок комисијата. Вака како што е претставено и е напишано, испаѓа дека се англиска кралица и дека господата немаат никаква фунција во оваа работа“, рече Иван Мирчевски, телевизија „Канал 5“.
Кога се мониторираат медиумите и нивниот однос со политичките партии, не смее да се изземе и обратната релација, рече Цветин Чилиманов, член на новоформираното ад хок тело. Според него, важно е како ќе се однесуваат и партиите во овој период.
„Бараме од медиумите да ги почитуваат принципите како заштита на приватноста, додека партии објавуаат приватни телефонски разговори од новинари, а сега очекуваме тој медиум да известува непристрасно, да има еднаков пристап“, вели Цветин Чилиманов, член на ад хок телото.
Агенцијата во рок од 30 дена од донесувањето треба да ја усвои методологијата за мониторинг на радијата и телевизиите. Потенцираа дека истата ќе се применува само пред предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат до крајот на оваа година.
Катерина Топалова
