Земјотрес во централна Италија, најмалку 10 жртви
Земјотресот предизвика сериозна штета на неколку градови и села. Најзагрозените градови се смета дека се Акумоли, Аматриче, Поста и Арквата дел Торно...

Силен земјотрес кој срамни со земја и згради, го погоди планинскиот дел на централна Италија рано утринава. Неофицијалните информации велат дека засега има најмалку 10 жртви.
Земјотресот предизвика сериозна штета на неколку градови и села, но се чини дека не погоди густо населени места, пренесува „Ројтерс“.
Најзагрозените градови се смета дека се Акумоли, Аматриче, Поста и Арквата дел Торно.
„Сега кога се раздени гледаме дека ситуацијата е потешка отколку што мислевме. Луѓе има под урнатините од зградите, а не гледаме знаци за живот“, изјави градоначалникот на Акумоли, Стефано Петручи, пренесува Ројтерс.
„Три четвртини од градот не постојат повеќе“, рече градоначалникот на Аматриче, Серџо Пироци за РАИ. „Целта е сега да се спасат што повеќе животи“, додаде тој.
Ројтерс пренесува дека градската болница во Аматриче тешко е погодена од земјотресот, а пациентите се пренесени на улиците.
Земјотресот предизвика штети во градови во три региони- Умбриа, Лацио и Марче. Според официјалните геолошки податоци, земјотресот бил со магнитуда од 6,2, а со епицентар во близина на градот Норика, во Умбриа, кој е историски центар и туристичка атракција.
