Најмалку 14 загинати во земјотресот во централна Италија

24.08.2016 10:14

Силен земјотрес во централна италија со сила од 6,2 степени по Рихтер. Загинале најмалку 14 лица, а разурнати се и многу куќи. Епицентарот бил во градот Норча во областа Умбрија...

Над 14 луѓе загинаа во земјотресот од 6,2 степени по Рихтер во централна Италија. Епицентарот бил кај градот Норча во областа Умбрија, на длабочина од 10 километри. Покрај човечките жртви, предизвикана е и голема материјална штета. Најголем удар претпре градот Аматриче каде што загинале четири лица.

Половина град го нема. Патиштата во градот и околината се отсечени. Многумина се затрупани. Поради лизгање на земјиштето очекуваме да се урне еден од мостовите“, вели Серџо Пироци, градоначалник на Аматриче.

Граѓаните на Норча имале повеќе среќа.

„Објектите со заштита против земјотреси спасија многумина. Оштетени се историски градби, но најважно е што немаме жртви. Неколкумина добија мали повреди, но пратени се на лекување и ситуацијата е под контрола“, вели Никола Алемано, градоначалник на Норча.

Потресот кој се случи во 3 часот и 36 минути по полноќ не ги поштеди ни граѓаните на Акумоли, Поста и Арката дел Тронто. Земјотресот ги разбудил и жителите на Рим каде што зградите се треселе непрекинато и по 20 секунди. Еден час подоцна, во истиот регион се почувствувал и последователен потрес од 5,5 степени по Рихтер. Последниот силен земјотрес во Италија се случи во 2009 година во Аквила кога загинаа 300 луѓе.