Над 30 мртви, 150 исчезнати во разорниот земјотрес во централна Италија
Над 30 мртви и 150 исчезнати во разорниот земјотрес во централна Италија. Спасувачките тимови се на терен. Покрај човечките жртви, потресот од 6,2 степени по Рихтер збриша и половина град и уништи историски споменици...

Над 30 луѓе загинаа во земјотресот од 6,2 степени по Рихтер во централна Италија. Епицентарот бил кај градот Норча во областа Умбрија, на длабочина од 10 километри. Покрај човечките жртви, предизвикана е и голема материјална штета. Најголем удар претпре градот Аматриче каде што загинале четири лица. Потресот кој се случи во 3 часот и 36 минути по полноќ не ги поштеди ни граѓаните на Акумоли, Поста и Арката дел Тронто.
„Има многу загинати, меѓу нив и деца. Сите почнаа да излегуваат надвор, беа избезумени.“
„Скокнав од прозор, преживеав.“
„Периодов имаме и многу туристи овде. Штета“, сведочат жителите.
Градоначалникот на Аматриче изјави дека 50% од градот е целосно уништен.
„Патиштата во градот и околината се отсечени. Половина град го нема. Многумина се затрупани. Поради лизгање на земјиштето очекуваме да се урне еден од мостовите. Снабдувањето со електрична енергија и телекомуникациската мрежа се прекинати“, изјави Серџо Пироци, градоначалник на Аматриче.
Граѓаните на Норча имале повеќе среќа.
„Објектите со заштита против земјотреси спасија многумина. Оштетени се историски градби, но најважно е што немаме жртви. Неколкумина добија мали повреди, но пратени се на лекување и ситуацијата е под контрола“, вели Никола Алемано, градоначалник на Норча.
Земјотресот ги разбудил и жителите на Рим, 170 км од епицентарот, каде што зградите се треселе непрекинато и по 20 секунди. Во наредните три часа биле регистрирани уште 17 последователни потреси од кои најсилниот бил со јачина од 5,5 степени по Рихтер. Спасувачките тимови се на терен со поддршка од војската на Италија.
„Не сакаме да даваме конкретна бројка на загинати зашто може да згрешиме. Системот е ефикасен и подготвен да реагира. Проблеми имаме со пристапот до одредени места, но и тоа го решаваме со помош на војската“, изјави Фабрицио Кучио, шеф на Одделот за цивилна заштита.
Наместо редовната миса што се одржува секоја среда, Папата Франциск денешната средба со верниците на плоштадот Свети Петар им ја посвети на жртвите од земјотресот.
„Сочувствувам со сите кои загубија блиски луѓе и кои се преплашени. Изјавата на градоначалникот на Аматриче дека исчезнал градот и веста дека има и деца меѓу загинатите предизвикаа огромна тага кај мене“, рече Папата Франциск.
Последниот силен земјотрес во Италија се случи во 2009-та година во Аквила кога загинаа 300 луѓе.
