Соседите и регоналната соработка во фокус на Амбасадорскиот совет
Во Министерството за надворешни работи се одржува работен состанок на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија. Во фокусот соседството и регионалната соработка. Утре во посета на земјава доаѓа грчкиот шеф на дипломатијата Коѕиас. Со неговиот домаќин Попоски ќе разговараат за мерките за градење доверба. Прашањето за спорот околу името не е на агендата, вели шефот на македонската дипломатија...

Во контекстот на пошироката безбедносна и комплексна политичка ситуација, со внатрешни политичко- безбедносни предизвици и мигрантската криза, македонската надворешна политика пред сѐ ја нагласува потребата од градење релации во опкружувањето и во регионот. За шефот на дипломатијата Попоски, земјава е посакуван сосед и во добро и во зло, но е и неопходен извор на стабилност. Во пресрет на утрешната посета на грчкиот министер за надворешни Коѕиас на Македонија, Попоски не очекува дека ќе стане збор за толку крупен проблем какви што се разликите околу името. Мерките за градење доверба придонесоа во релаксирањето на односите меѓу двете држави во области од интерес на граѓаните, што беше претходно незамисливо, оцени министерот.
„Не верувам дека во оваа прилика би можеле да се зафатиме со решавање на толку крупно прашање. Впрочем, во изминатиот период рековме дека тоа што ни е приоритет е подобрување на односите меѓу двете земји, создавање на посилни врски во што е можно поголем број на области и мислам дека во овој дел во изминатиот период направивме сериозен исчекор. Сето ова би го ставил во графата за зголемување на довербата меѓу Македонија и Грција. Оставаме јасна порака дека Македонија сакаме да биде фактор на стабилност и предвидливо опкружување во нашиот регион“, нагласи Попоски.
Аргумент за континуитетот на македонската добрососедска политика се ланските посети на министрите за надворешни на Албанија и на Бугарија, а годинава и на Грција рече Попоски. Регионот е оптоварен и со незавршената мигрантска криза, што е запрена со благовремено преземените мерки.
„Ние сме подготвени за соочување со сценарија какви што веќе видовме во минатото, но активно работиме на дипломатски план на избегнување на таков развој, заедно со нашите партнери од Европската унија кои ни помагаат и на терен и заедно со земјите кои се најблиску до изворот за предизвици за мигрантите, а тоа е секако Турција и Грција“, рече министерот Попоски.
Попоски порача дека земјава треба да ги удвои напорите за интеграција во ЕУ, поради состојбата со Брегзит, но и во НАТО, поради познатата пречка. И натаму економската промоција, привлекувањето странски инвестиции и создавање работни места е во средиштето на надворешната политика, како и унапредувањето на врските со дијаспората. За ова пред министерот Попоски ќе реферираат, и ќе разменуваат мислења 50-ната амбасадори и конзули на тридневниот состанок во Скопје, пред кои утре ќе настапи и министерот Коѕиас за иднината на ЕУ и Балканот во неа. Претседателите на владата, собранието и на државата, Димитриев, Вељаноски и Иванов денеска и утре ќе имаат свои излагања на амбасадорскиот совет.
Зоран Богатинов
