Авансното обесштетување легнува на сметките на жителите од поплавените региони

24.08.2016 14:07

Авансното обесштетување легнува на сметките на жителите од поплавените региони. Паралелно, продолжува евиденцијата на жителите чиишто имоти беа уништени во невремето. Комисиите ги коригираат случаите каде што се појавиле проблеми при записот...

Скопското село Стајковци полека се адаптира за нормално секојдневно живеење. Поголемиот дел од жителите на ова село веќе ја земале првичната авансна помош. Оние преостанатите пак се надеваат дека ќе се најдат на списоците во текот на денешниот ден.

500 евра не се доволни за санирање на штетите, но се доволни за да се одговори на првиот зафат при реновирање на поплавените куќи, велат жители на Стајковци. Приоритетно, ќе се зацврстуваат темелите, ќе се струга малтерот во кој е впиена вода,  а во собите ќе се става нов паркет.

„Видовме дека не имаше на списокот и отидовме си ги подигнавме 500 евра. За дома се треба, но прво децата да ги средиме, бидејќи еве го први септември доаѓа, па кујната, купатилото, дневната, се треба да реновираме“, вели Бранкица Петринска, жител на Стајковци.

„Прво планирам куќата да ја реновирам да се среди за живеење, па потоа отом- потом, како ќе доаѓаат пари така ќе се прави. Се зависи колку ќе дадат“, вели жителка на Стајковци.

Тие што го добиле првиот финансиски прилив веќе отпочнаа со реновирање. Некои жители се уште се бараат на списоците.

„Ми кажаа дека давале по 500 евра, па дојдов да видам дали не има на список, но не нема.“

„Сега колку ќе не обесштетат не знаеме, а за овие 500 евра баш денеска ми кажа еден комшија дека веќе неговите се префлени. И јас сум на спсиокот па изгледа и моите се префлени. Денеска ќе проверам во банка“, велат жители на Стајковци кои ги анкетиравме.

Вкупно 2.154 лица коишто беа опфатени во проверката на Комисијата за проценкка на штетите во скопско и во тетовско со документи за идентификација ги подигаат авансите од шалтерите на Банките. Обештетувањето ќе почне, штом тимовите за проценка целосно ги утврдат штетите од поплавите.

 

Анита Димитријевска