Расте бројот на жртви во разорниот земјотрес во централна Италија

24.08.2016 14:22

Силен земјотрес во централна Италија со јачина од 6,2 степена по Рихтер.Разурнати се многу куќи. Епицентарот бил во градот Норча во областа Умбрија...

Земјотрес од 6,2 степенa по Рихтер ја погоди централна Италија. Епицентарот бил кај градот Норча во областа Умбрија, на длабочина од 10 километри. Покрај човечките жртви, предизвикана е и голема материјална штета. Најголем удар претпре градот Аматриче. Потресот кој се случи во 3 часот и 36 минути по полноќ не ги поштеди ни граѓаните на Акумоли, Поста и Арката дел Тронто.

„Има многу загинати, меѓу нив и деца. Сите почнаа да излегуваат надвор, беа избезумени.“

„Скокнав од прозор, преживеав.“

„Бев дома кога почна да пропаѓа ридот. Овде сум веќе два и пол часа. Ужасно ми е. Имам 65 години и ова е првпат да се соочам со ваква катастрофа“, сведочат жителите.

Градоначалникот на Аматриче изјави дека 50% од градот е целосно уништен.

„Патиштата во градот и околината се отсечени. Половина град го нема. Многумина се затрупани. Поради лизгање на земјиштето очекуваме да се урне еден од мостовите. Снабдувањето со електрична енергија и телекомуникациската мрежа се прекинати“, изјави Серџо Пироци, градоначалник на Аматриче.

Граѓаните на Норча имале повеќе среќа.

„Објектите со заштита против земјотреси спасија многумина. Оштетени се историски градби, но најважно е што немаме жртви. Неколкумина добија мали повреди, пратени се на лекување и ситуацијата е под контрола“, вели Никола Алемано, градоначалник на Норча.

„Во тешките периоди, Италија знае точно што да прави“, изјави премиерот Матео Ренци.

„Кога не ни оди добро, цела Италија знае да си ја покаже убавата страна. Владата ветува дека нема никого да оставиме сам. Мора да работиме за да спасиме што е можно повеќе животи“, нагласи премиерот Ренци.

Земјотресот ги разбудил и жителите на Рим, 170 км од епицентарот, каде што зградите се треселе непрекинато и по 20 секунди. Во наредните три часа биле регистрирани уште 17 последователни потреси од кои најсилниот бил со јачина од 5,5 степени по Рихтер. Спасувачките тимови се на терен со поддршка од војската на Италија.

Не сакаме да даваме конкретна бројка на загинати зашто може да згрешиме. Системот е ефикасен и подготвен да реагира. Проблеми имаме со пристапот до одредени места, но и тоа го решаваме со помош на војската“, вели Фабрицио Кучо, шеф на Одделот за цивилна заштита.

Наместо редовната миса што се одржува секоја среда, Папата Франциск денешната средба со верниците на плоштадот Свети Петар им ја посвети на жртвите од земјотресот.

„Сочувствувам со сите кои загубија блиски луѓе и кои се преплашени. Изјавата на градоначалникот на Аматриче дека исчезнал градот и веста дека има и деца меѓу загинатите предизвикаа огромна тага кај мене“, изјави Папата Франциск.

Последниот силен земјотрес во Италија се случи во 2009 година во Аквила кога загинаа 300 луѓе.