Оштетените домаќинства од поплавите три месеци нема да плаќаат комуналии
Три месеци да бидат ослободени од плаќање комуналии жителите од поплавените подрачја. За ова денеска одлучува Советот на Град Скопје откако предлогот го достави ВМРО-ДПМНЕ. Тие бараат градот да одвои 2,5 милиони евра за санација на оштетените улици во општина Гази Баба. Советничката група на СДСМ, пак, побара оставка од градоначалникот Коце Трајановски...

На предлог од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, оштетените домаќинства од поплавите ќе бидат ослободени од плаќање надомест за собирање и транспортирање отпад и од плаќањето надомест за вода за август, септември и октомври. Покрај ова градот ќе одвои и 2,5 милиони евра за санација на улиците во Гази Баба иако тие се под општински ингеренции.
„Овие одлуки сметаме дека значително ќе придонесат за нормализација на целокупниот живот на населението и стопанските објекти кои беа зафатени од катастрофалните временски неприлики во кои настанаа огромни материјални штети“, изјави Слободанка Трајковска, ВМРО-ДПМНЕ.
Социјал демократите побараа оставка од градоначалникот Коце Трајановски. Тврдат дека не се превземени мерки за заштита пред поплавите, нема инвестиции во инфраструктурата, погрешно се дејствувало за време на поплавата и во справувањето со последиците.
„Коце Трајановски знаел дека постои план за заштита и спасување на градот Скопје од 2010 година во кој градот е означен како простор со висок степен на загрозеност од елементарни непогоди, особено поплави. Знаел дека мора да го заштити градот од поплави, но не го направил тоа“, рече Дамјан Манчевски од СДСМ.
Градоначалникот Трајановски пред советниците објасни што сѐ е преземено уште во првите часови по невремето. Констатира дека не е време за собирање политички поени.
„Да не собираме политички поени на оваа седница. Рековме дека ќе има уште советнички прашања, ќе биде ова предмет на дискусија во периодот што следува. Во моментот од нас се очекува да бидеме што покоординирани за да им помогнеме на луѓето“, изјави градоначалникот Коце Трајановски.
Според скопскиот градоначалник, само во првите неколку денови по поплавата, биле исфрлени над 2.000 камиони со смет. Тој тврди дека во Сингелиќ до сабота ќе заврши тампонирањето на улиците, а во Стајковци нешто подоцна.
Миле Ристески
