Коѕиас во посета на Македонија
Коѕиас ќе се обрати и на Амбасадорскиот совет, кој се одржува во Министерството за надворешни работи...

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас денеска ќе престојува во Македонија. Ќе оствари билатерална средба со својот македонски колега Никола Попоски, а се очекува да биде примен и од претседателот Иванов, и да оствари средба со премиерот Емил Димитриев.
Според најавите, Попоски и Коѕиас ќе разговараат за европската перспектива на Македонија, како и за другите прашања од односите меѓу двете земји. Предвидено е шефот на грчката дипломатија да се обрати пред македонските дипломати.
Коѕиас ќе се обрати и на Амбасадорскиот совет, кој се одржува во Министерството за надворешни работи од 24 до 26 август 2016 година на кој присуствуваат шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија.
Коѕиас досега има остварено неколку средби со шефот на македонската дипломатија Попоски, а претходната посета на Македонија беше лани во јуни.
Попоски, пак, беше во посета на Атина во декември, а двајцата министри во меѓувреме имаа и средби на маргините на неколку меѓународни самити.
