Најмалку 13 жртви во нападот во Американскиот универзитет во Кабул

25.08.2016 10:30

Полицијата ги застрела и двајцата напаѓачи кои упаднаа во комплексот откако автомобил-бомба го разнел западниот дел од универзитетот.

Во нападот во Американскиот универзитет во Кабул загинаа најмалку 13 луѓе. Полицијата ги застрела и двајцата напаѓачи кои упаднаа во комплексот откако автомобил-бомба го разнел западниот дел од универзитетот.

„Седуммина студенти се убиени, како и тројцата полицајци кои се обидуваа да ги спасат младите. Загинаа и двајца членови на обезбедувањето. Над 30-мина се повредени“, изјави Абдул Рахман Раими, шеф на полицијата во Кабул.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот. Авганистанските Талибанци и членовите на локалните групи од Исламска држава, извршија серија напади против владата на претседателот Ашраф Гани, но за овој напад досега никој не ја презеде одговорноста. Ова е втор ваков инцидент месецов. На 7 август беа киднапирани американски и австралиски професор во близина на универзитетот во Кабул.