Доделени сертификатите на учесниците на седмата Школа за млади лидери

25.08.2016 11:08

Секој од вас треба својот дом, своето семејство и својата држава да ги гради во височина. Ако се воздигнувате кон височината, никој нема да може да ви постави граници и лимити, порача Иванов.

Претседателот на државата Ѓорге Иванов ги додели сертификатите на учесниците на седмата Школа за млади лидери што се одржа во Охрид. Претседателот Иванов на учесниците синоќа им порача дека никој не може да ги спречи да се воздигнуваат и да бидат подобри, поуспешни и поквалитетни.

Секој од вас треба својот дом, своето семејство и својата држава да ги гради во височина. Ако се воздигнувате кон височината, никој нема да може да ви постави граници и лимити, порача Иванов.

Претседателот Иванов им порача на учесниците секогаш да се стремат кон нешто што ќе ги исполнува. Бидете добри луѓе, добри родители и добри граѓани. Ширете ги вистината и позитивните идеи. Вие сте на некој начин првата генерација која ги користи новите технологии да може да комуницира со кој било, на кое било место на планетата,  во реално време.  Затоа овие придобивки користете ги разумно, рече македонскиот претседател.

На годинашната школа учествуваа 45 млади лидери, кои имаа можност да чујат искуства, знаења и видувања за лидерството на вкупно 28 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Македонија, Европската унија, САД, Австралија и Египет.

Школата за млади лидери под покровителство на претседателот Иванов за првпат беше организирана во 2010 година.