Искористени 210 милиони евра од европските ИПА фондови

30.01.2014 16:16

Од вкупно 615 милиони евра што се ставени на располагање...

Од вкупно 615 милиони евра што се ставени на располагање од Европската унија  преку фондовите на Инструментот за претпристапна помош (ИПА)  за периодот од 2007 до 2013 година, Македонија  досега искористила 210 милиони евра, односно 35 насто, соопшти вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.  Вели, иако процентот на искористеност може да биде и поголем, сликата за искористеноста на ИПА фондовите се подобрува, бидејќи се лоцирани областите каде што треба да се интервенира.

„Имаме одговорност да ја подобриме сликата за ИПА фондовите, сликата за искористеноста на ИПА не е идеална, туку се подобрува, и важно е да се подобри. Констатиравме четири области каде што треба да се интервенира, тоа се стратешкото планирање и програмирање, односно ИПА секторите добиваат и други задачи, со што ова губи од приоритетите.  Одредени институции не се доволно добро организациски поставени, а има и долги процедури за обука на кадрите“, изјави Бесими.

За евроамбасадорот Аиво Орав, сите пари што им ги дава ЕУ на земјите-кандидати се теоретски пари, и поради комплицираноста на процедурите, секогаш е тешко да се исполни целта за 100-процентна искористеност на овие пари.

„Ние се обидуваме да го дадеме најдоброто од себе и да ви помогнеме да ги искористите овие пари сто насто. Секако дека има проблеми, не е лесно да се справите со ИПА средствата, процедурите се комплексни бидејќи станува збор за многу пари и секогаш треба да бидеме внимателни и да гарантираме дека овие пари ќе се искористат за таа намена. Потребна е подобра комуникација и координација меѓу министерствата“, појасни евроамбасадорот.

Македонската влада веќе соработува со Европската комисија (ЕК) и договара и нови средства  за периодот од 2014 до 2020 година, вели Бесими.

„Работиме на соработка со ЕК во однос на ИПА 2014 - 2020 година и договораме нови 600 милиони евра за Република Македонијаза евроинтеграцискиот процес. Со успешна имплементација на средствата од ИПА, ќе пратиме јасен сигнал до ЕУ дека европските пари се инвестиција за ЕУ“, рече  вицепремиерот.

 

Лидија Чакар