Италија сѐ уште се тресе, бројот на жртви расте
Речиси 250 жртви во катастрофалниот земјотрес што ја погоди вчера централна Италија, четири гратчиња се најмногу погодени. Италијанската цивилна заштита соопшти дека не може да го утврди бројот на затрупаните и исчезнатите...

Спасувачките тимови во Италија извлекоа дете кое цели 17 часа било затрупано под урнатините во Пескара дел Тронто, еден од најпогодените градови во земјата која преживеа два силни земјотреса во последните два дена. 10-годишното девојче нема никакви повреди на телото.
По првиот потрес од 6,2 степена по Рихтер, изутрината во Италија се случи уште еден земјотрес од 4, 7 Рихтери. Бројот на загинати постојано расте. Оние кои си го спасија животот допрвин ќе се соочуваат со последиците од катастрофата. Многумина останаа без семејствата и пријателите, но и сето она што го граделе целиот живот. За жителите на Аквила која беше погодена од силен земјотрес пред 7 години, ова е веќе видена ситуација, но не исчезнува стравот.
„Ова ме потсети на 2009 година. Бев преплашен зашто знам што се случи во тој земјотрес... Немам зборови. Уште се тресам од страв. Ужасно беше... Ова е како некој парадокс. Исто место, исто време...“, велат жителите.
Граѓаните ноќта ја минаа под отворено небо. Во најпогодените области се поставени и шаторски кампови.
„350 луѓе се раселени. Многумина решија да седат во автомобилите зашто не сакаа да си ги остават имотите. И во спортската сала има уште 50-тина, меѓу нив има повозрасни граѓани, луѓе кои не можат да одат, односно луѓе кои имаат потреба од поголема помош“, изјави Тицијано Де Каролис, волонтер.
Градоначалникот на Аматриче изјави дека се збришани три четвртини од градот. Побара трпение и надеж кај народот и покрај проблемите со кои се соочува.
„Ни треба надеж, не смееме да дозволиме тагувањето да стане дел од нашата култура. Ноќе ќе ни биде уште потешко, како и да е, ќе ни биде мачно. Но мора да се надеваме дека ни доаѓа подобро утре“, изјави Серџо Пироци, градоначалник на Аматриче.
Силни потреси беа почувствувани и во главниот град Рим така што градските власти наредија проверка на статиката на Колосеумот во Рим.
Последниот силен земјотрес во Италија се случи во 2009 година кога загинаа 300 луѓе.
