Се нормализира животот во поплавените реони

25.08.2016 13:24

Се нормализира животот во поплавените подрачја по елементарната непогода. Некои од семејствата во Стајковци веќе ја зедоа авансираната помош, додека надлежните за другите и натаму ги прават неопходните исправки. Жителите ги обновуваат домовите и стравуваат зимата да не дојде предвреме...

Семејството Стојановски во Стајковци добиле 30.000 денари од државата. Велат, веднаш купиле песок и матерјал за изолација. Но, штетата е многу поголема, не можат да ја санираат сами. 72– годишната домаќинка Ратка сама ги варосува ѕидовите од летната кујна вели, не може да гледа и да се навраќа на кобната вечер. Ја плаши зимата која што доаѓа и затоа како и другите се надеваат дека ќе добијат 100 процентно обесштетување.

„Беше голема рушевина, навистина ни помогнаа луѓето, но за паркети, за прозори за врати уште не ни понудиле пари, само 30 илјади ни дадоа, а со нив една врата не можеме да купиме. Рекоа дека 100 % ќе ни помогнат да застанеме на здрава нога. Сега Господ нека ние на помош, мислиме дека ќе ни помогнат, се надеваме на државата, а колку ќе ни помогнат ќе видиме на крај“, вели Ратка Стојановска, жител на Стајковци.

Но, паричниот аванс не го добиле сите, па затоа граѓаните се бараат на списоците пред месната заедница.

„Ги праќаат списоците, но мене ме нема“, вели Митре Крстевски, жител на Стајковци.

„Ги видовме списоците тука што се изложени, истите се и во Сингелиќ, има дупликати, повторувани имиња, имиња пишувани на неколку банки, ние немаме добиено се уште авансна помош“, вели Станка Ристовска од Стајковци.

„Бевме во банка, немаше, па треба сега да видиме на списокот“, вели Лилјана Киевска, жител на Стајковци.

Жителите полека се враќаат на секојдневието пред поплавата има уште за чистење, за санирање. Јавните претпријатија постојано работат. Екипите на брзата помош се присутни во селото да им се најдат на граѓаните.

 

Наташа Јанчиќ