ЕВН ја исклучи струјата на Жито Вардар
Празни останаа полиците во продавниците во Велес каде продавачите го редеа лебот на Жито Вардар...

Празни останаа полиците во продавниците во Велес каде продавачите го редеа лебот на Жито Вардар. Доставата утринава доцнела, а и кога стигнала, за МРТ, продавачите велат добивле само по неколку корпи леб. Причината за недостигот на житовардарскиот леб брзо се откри- Жито Вардар останал без електрична енергија. ЕВН поради ненавремено подмирување на долговите го прекинала снабдувањето.
„ЕВН поради сложеноста на производството кое го има компанијата неколку пати, направи договор со раководството на „Жито Вардар“, долгот да го плати на неколку рати. Меѓутоа, велешката компанија не го испочитува договорот, па ЕВН ја исклучи струјата во сите објекти и производствени погони“, рече Атанас Ковачевски, портпарол на компанијата.
До пред една година Жито Вардар со дневно производство од 20 илјади парчиња леб беше доминантен на велешкиот пазар. Од Жито Вардар денеска молк, нема информација што натаму, директорот е недостапен за коментар а вработените немаат што да изјават за МРТ.
Според информациите со кои располагаме по исклучувањето на пекарата на енергетскиот систем на ЕВН, менаџментот со помош на агрегат го приспособил овој погон да работи, но производството денеска било сведено на минимум.
„По продавниците може да се најде леб од приватни пекари а од Жито Вардар потешко, а ни недостасува“. „Ние сме научени со него, од време си го јадеме ама денеска сабајлево го нема и друг земавме“, велат анкетираните велешани.
Недостигот на житовардарски леб беше причина во продавници нагло да се зголеми продажбата на овој производ на други пекари.
Дијана Иванова
