Од 4-ти до 11-ти септември чествување за Мајка Тереза

26.08.2016 13:29

Прогласувањето на Мајка Тереза за светица ќе се случи на 4-ти септември во Ватикан од Папата Франциск, а македонската државна делегација ќе ја предводи претседателот Иванов.

Татковинската прослава „Денови на Света Мајка Тереза“, ќе се одржи во Скопје од 4-ти до 11-ти септември. Денеска се одбележуваат и 106 години од нејзиното раѓање.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски рече дека претставува голема чест и гордост што Мајка Тереза е родена во Скопје и е наша сограѓанка и што имаме можност да го чествуваме нејзиното дело и да ја шириме хуманоста и љубовта.

Координативното тело за одбележување на „Денови на Св. Мајка Тереза“ работи веќе подолго време со цел канонизацијата да се одбележи на највисок можен достоен начин, што треба да биде својствен за едно вака високо чествување и одликување на светицата Мајка Тереза, изјави Трајановски.

Посочи дека Градот Скопје за централното одбележување на 11 септември има одвоено милион денари, а покровител на координативното тело за одбележување на „Денови на Св. Мајка Тереза“ е претседателот на Македонија Ѓорге Иванов.

Прогласувањето на Мајка Тереза за светица ќе се случи на 4-ти септември во Ватикан од Папата Франциск, а македонската државна делегација ќе ја предводи претседателот Иванов.

Во Собранието ќе се додели годинашната награда Мајка Тереза, чиј добитник е примариус доктор Димитар Котевски.