Истекува рокот за пријавување субвенции за оризова арпа

29.08.2016 10:31

Во среда истекува рокот за поднесување барања за дополнителни субвенции за предадената оризова арпа. Ова важи за оризопроизводителите кои во текот на јули го предале родот на трговците. Досега потребните документи ги доставиле 360 земјоделци.

Во подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кочани, 360 земјоделци доставиле документи за дополнителни субвенции за ориз.

Оризопроизводителите кои во јули ја предале оризовата арпа од реколтата во 2015 година ќе добијат од 3 до 5 денари за килограм во зависност од пријавените површини со оваа култура.

Земјоделците кои имаат земјиште до 2 хектари ќе добијат 5 денари за предаден килограм кај откупувачите. За 2 до 10 хектари имаат право на 4, а производителите со пријавено земјиште повеќе од 10 хектари со ориз ќе добијат по три денари за килограм.

Барања за субвенции за произведена и продадена арпа можат да се поднесуваат до 31 август.

 

Методија Трајков