Колумбиската влада и ФАРК договорија примирје

29.08.2016 15:04

Пролевичарските востаници на колумбиска „ФАРК“ по пет децениски борби договорија примирје со владата во Богота. Се најавува ли нова ера за исцрпената земја во која што царуваат кокаинските нарко картели, насилства, атентати и убиства...

Бунтовничката група во Колумбија „ФАРК“ и официјално го прогласи прекинот на огнот. Примирјето во Колумбија е историски момент за земјата која се соочуваше со насилства, атентати и убиства поради несогласувањата меѓу пролевичарските востаници  и владата во Богота. По четиригодишното преговарање во Куба, договорот од Хавана става крај на петдеценискиот судир.

„Денеска, повеќе од кога било, жалиме за  жртвите и страдањата предизвикани од војната. Денеска, повеќе од кога и да е, сакаме да ги прегрнеме нашите сограѓани и да почнеме да создаваме подобра верзија на државата. Војната заврши“, изајви Родриго Лондоно, лидер на ФАРК.

Илјадници Колумбијци во Богота го прославија историскиот договор. ФАРК ќе ја ратификува спогодбата во септември, а колумбискиот народ ќе гласа за неа на 2 октомври. Според договорот, бунтовниците мора да ја запрат борбата со оружје и да се приклучат на законските политички процеси.

„Ова е историски момент. Сега имаме можност да сонуваме и да создаваме, да градиме се што многумина се обидуваа да градат долго време во мирни услови, без насилство и без оружје“, вели Ана Марија Саламанка.

„Младите очекуваат подобра иднина. Не станува збор за стотици, туку за илјадници граѓани кои ќе гласаат за мир на втори октомври“, изјави Николас Лоиза.

Двете страни договорија соработка за решавање на социјалните проблеми, за спроведување на правдата за жртвите, и за одржување на стабилноста и на мирот. Во преговорите не е спомната амнестијата за бунтовниците.

Во судирите меѓу ФАРК и владините сили  загинале над 220.000 лица, а милиони беа принудени да ги напуштат нивните домови.

Во март, Колумбија најави почеток на мировни преговори и со втората по големина бунтовничка група „Националната ослбодителна армија“.