Донесени измените на Законот за буџети
Собранието ги донесе корекциите на Законот за буџети. Во расправата за измените и дополнувањата на Законот за буџети, власта и опозицијата спореа дали е уставна определбата владата да прераспределува средства на буџетски корисници до 5% од износот. Опозицијата со став дека станува збор за износ од 150 милиони евра, додека власта тврди дека тие не можат да надминат 85 милиони евра.

Власта и опозицијата и денеска продолжија да спорат во Собранието за уставноста на законското решение со кое владата ќе може да прераспределува до 5% од средствата на буџетските корисници во кризни состојби. Според опозицијата, со овој предлог, се одземаат ингеренции на собранието што е во спротивност со членовите 68 и 125 на уставот. Практично станува збор за пренаменување на дури 150 милиони евра од буџетот,тврдеше пратеникот на НСДП, Љубомир Јосифовски.
„Владата директно навлегува во надлежностите на Собранието и спротивно на Уставот член 68, во кој точно се вели дека Собранието го донесува републичкиот буџет, го одзема тоа право и тоа во висина од 150 милиони евра, во висина од 5% од вкупниот буџет на РМ“, рече Љубомир Јосифовски, пратеник на НСДП.
Реагираше владејачкото мнозинство. Ја обвини опозицијата за манипулирање на граѓаните, затоа што законот прецизно го дефинира максималниот износ на буџетската резерва.
„Буџетските резерви, пишува убаво, не смеат да надминат 3% од вкупните тековни расходи на основниот буџет. За какви 150 милиони евра зборите, на знам кои се вашите математики. И во сегашната ситуација, со моменталниот буџет, тие не можат да надминат 85 милиони од буџетот“, рече Драган Цуклев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Со 47 гласа „за “ и 23 „против“, Собранието го донесе законот за измени и дополнување на законот за буџети. Со него во идни кризни состојби владата ќе може да прераспределува до 5% од износот на средствата на министерствата. На тој начин ќе може да го зголеми износот на буџетската резерва за дополнителен износ, но тој не смее да надмине 5% од постојните средства ниту пак да го наруши редовното функционирање и вршењето на утврдените законски надлежности на институциите.
И натаму останува определбата во законот, постојаната и тековната буџетска резерва да не можат да надминат 3 насто од вкупните тековни расходи на основниот буџет.
Свето Николовски
