Засилени капацитети за справување со мигрантите

29.08.2016 16:26

Нови возила за граничната полиција од Чешка- донација за засилување на капацитетите во справувањето со мигрантската криза. МВР со став дека иако балканската рута е затворена, предизвиците не завршиле...

Со чешката донација од 470 илјади евра се набавени 25 возила „шкода јети“ за потребите на граничната полиција. Донацијата е исклучително важна, во период кога полицијата се справува со мигрантската криза на јужната граница. Ова ќе биде дополнително засилување на вкупните капацитети на МВР, но и на другите надлежни државни институции во справувањето со бегалската криза, бидејќи, како што вели министерот Чавков, предизвиците не завршија со затворањето на Западната Балканска рута.

„Предизвиците не завршија со затворањето на Запдно- балканската рута. Ние и понатаму сме изложени на активности поврзани со превенирање и сузбивање на криминални мрежи кои се се поактуелни, а затоврањето на западно- балканската рута сакаат да го заменат со нивните активности на меѓународно ниво. Со оваа донација јас сум сигурен дека МВР ќе покаже уште посилен капацитет во сузбивањето на криминалните мрежи кои ја злоупотребуваат волјата на оние кои бегаат од кризните жаришта“, изјави министерост за внатрешни работи Митко Чавков.

Според заменик амбасадорот на Чешката Република, Јосеф Брож, вистинските пријатели се препознаваат во тешките моменти. Вели, ова е уште еден доказ дека Чешка ви е вистински пријател.

„Пријателите се познаваат во тешки времиња, така се преознаваат и државите што се вистински пријатели. Се надевам дека Република Македонија чувствува дека Чешка е пријател и ова се потврди не само со посетата на нашиот претседател, туку и во рамките на помошта и поддршката на Република Македонија, туку и на нејзиниот пат за членство во ЕУ и НАТО“, изјави Јосеф Брож, заменик- амбасадор на Чешка во Македонија.

Покрај досегашните донации за Република Македонија, во справувањето со бегалците, на дел од јужната граница се ангажирани и полицајци од Чешка кои заедно патролираат со нивните колеги од МВР долж граничната линија со Грција.

Наташа Гркова- Петрушевска