Стајковци: Училиштата се подготвуваат за 1-ви септември

30.08.2016 13:55

Над 2.500 илјади луѓе од Стајковци ја добиле авансната помош. Продолжува санацијата на штетите. Се прават последните подготовки и за стартот на новата учебна година...

Пред да чукне ѕвончето за старт, се прават последните подготовки. Најраздвижено е во училиштата кои пред неполн месец беа поплавени. Со помош на општината и на невладините, 1.438 ученици во „25 мај“ ќе ги имаат сите услови за настава во новата учебна година, вели директорот.

„Кај подрачното училиште имавме повеќе штети од поплавата, таму сега е санирано се, комплетно е обвноено и спортското игралиште од страна на општината, а внатрешноста на училиштето е обновено со помош на УСАИД и дел од општина, а дел и од сопствени средства за реновирање на училиштето“, изјави Фадил Муртезани, директор на ОУ „25 мај“.

И во општинското основно училиште „Кирил и Методиј“ се работи. Вработените им помагаат на мајсторите побрзо да тече работата.

„Направена е целосна дезинфекција на училиштето, во моментот се варосува, се корегираа ѕидовите кои беа оштетени од поплавата, утре стручни лица ќе ги чистат подовите. Се работи и во подачното и во централното училиште. Училниците се подготвени, реконструкцијата е завршена на катот, така што се е подготвено“, вели Ана Петровска, директор на ОУ „Кирил и Методиј“.

Директорката вели известени се сите 479 ученици кога почнува првиот час.

Привршува санацијата и чистењето на училиштата кои беа зафатени од невремето на 6-ти август. Првите луѓе на училиштата велат дека наставата ќе почне на први септември.

Во Стајковци се расчистува теренот, домовите. Се поставува тампонот на улиците, по што треба да следува и асфалитирање.

 

Наташа Јанчиќ