5,6% раст на индустриското производство за седум месеци

30.08.2016 14:18

Преработувачката индустрија и понатаму останува движечка сила со раст од 6,1% во јули...

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, индустриското производство во периодот од јануари до јули годинава забележа раст од 5,6%. Податоците покажуваат раст на индустриското производство од 5,1% и за јули 2016-та година во споредба со јули 2015-та.

Преработувачката индустрија и понатаму останува движечка сила со раст од 6,1% во јули. Растот во секторот е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: производство на пијалаци, производство на тутунски производи, производство на текстил, производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, производство на други неметални минерални производи, производство на електрична опрема, производство на машини и уреди, неспомнати на друго место и производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Раст од 15,4% бележи и секторот за снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација. Гледано по сектори, индустриското производство во секторот рударство и вадење на камен во јули 2016 година, во однос на јули 2015 година, бележи опаѓање од 5,5%

Според главните индустриски групи, производството во јули 2016 година, во однос на јули 2015 година, бележи пораст кај енергија за 12,5%, капитални производи за 34,5% и трајни производи за широка потрошувачка за 57,3%, додека опаѓање бележи кај интермедијарни производи, освен енергија за 0,4% и нетрајни производи за широка потрошувачка за 4,1%.