Пуштена во употреба нова градинка во Радишани

30.08.2016 14:59

Покрај петте занимални, има и медицинска соба за првично згрижување болни деца.

Во Радишани отворена нова градинка со капацитет да згрижи 120 деца од предучилишна возраст. Покрај петте занимални, има и медицинска соба за првично згрижување болни деца.

Очекуваме оваа година да ги надминеме плановите за отворање 10 градинки и, покрај веќе отворените седум, да отвориме уште осум, односно вкупно 15, од кои над половина ќе бидат во градот Скопје, рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Градоначалникот на општина Бутел Петре Латиновски истакна дека отворањето на оваа нова детска градинка е исполнување на едно од ветувањата дадени пред граѓаните.

Новата градинка, рече, е од исклучително значење. Се наоѓа во непосредна близина на градинката „Ташко Караџа“, која има капацитет за 180 деца, но, како што рече тој, поради потребите на граѓаните градинката згрижувала и до 300 деца.

Најави дека наскоро ќе биде пуштен во употреба целосно реконструиран објект на детска градинка во Бутел 2, со капацитет за згрижување на над 100 дечиња, како и дека ќе почне со изградба на уште една нова градинка во населеното место „Живко Брајковски“.