Детската болница Козле доби нов видео бронхоскоп

30.08.2016 16:06

Во Детската болница Козле поставен нов видео бронхоскоп. Лекарите велат дека годишно прават и до 250 вакви интервенции. Со новиот апарат, сите процедури ќе можат да се документираат...

Детската болница за белодробни заболувања во Козле доби нов современ апарат за бронхоскопија. Треба да овозможи поефикасна и побрза интервенција во случаите, кога во дишните патишта на децата се откриваат и се отстрануваат туѓи тела.

„Бронхоскопската екипа, која има над 50-годишно искуство, е врвна и досега нема направено ниту една грешка. Бронхоскопијата е многу ургентна и многу тешка метода и треба во неколку минути да се реагира. Досега екипата ги заслужува сите комплименти. Колеги од елитни центри се зачудени како може на овој дел од Балканот да се работи таква софистицирана метода со толку голем успех“, изјави Оливер Зафировски, директор на Детската болница во Козле.

На оваа клиника годишно се вршат околу 250 вакви интервенции.

„Овој видео бронхоскоп ќе овозможи многу подобра и поквалитетна услуга и подобри услови за работа на докторите и побрза и поквалитетна интервенција. Со набавката на овој видео бронхоскоп, ќе може сите овие процедури да се документираат“, рече министерост за здравство, Никола Тодоров.

Лекарите апелираат, родителите да внимаваат на своите деца кои се до тригодишна возраст, кога се во прашање ситни предмети или зрнеста храна. Да не им дозволуваат пристап, затоа што може да им навлезе во дишните патишта и да им предизвика сериозен здравствен проблем.

Во досегашната практика, лекарите од дишните патишта на децата отстранувале накит, лешници, кикиритки, пуканки, дури и копчиња.

 

Игор Панов