Нема договор во ад хок телото за медиумите за избор на петтиот член

30.08.2016 16:14

Кандидатот за петти член во ад хок телото за мониторинг на медиумското известување, Даут Даути, се повлече од трката. Смета дека е нереално да се очекува одлуката за петтиот член да се донесе со консензус. На еден ден пред лидерската средба, сѐ уште нема договор, разговорите продолжуваат...

Нема одлука за 5-тиот член на ад хок телото за следење на медиумите ниту ден пред најавената лидерска средба. Еден од двајцата кандидати кој влезе во потесниот кург, Даут Даути, ја повлече кандидатурата. Со писмо ги извести веќе избраните четворица членови дека не сака да биде пречка за одржување на изборите.

„Ве молам мојата кандидатура да ја сметате како непостоечка со цел таа да не стане пречка за комплетирање на ад хок телото, како и да не го држи во заложништво целиот политички процес и да биде пречка за носење одлука за одржување на договорени предвремени избори“ – пишува Даути во писмото. Од ад хок телото велат сѐ уште има време за комллетирање. Не откриваат дали покрај Сефер Тахири, ќе предложат нов кандидат.

„Ќе седнеме, ќе разгледаме и мислам дека сега можеме да донесеме објективно решение кое се надевам дека за целата јавност и за сите медиуми ќе биде прифатливо, и ад хок телото да не биде проблем за одржување на изборите“, изјави Горан Трпеноски, член на ад хок телото.

По одлуката на Даути, со реакција СДСМ. Од опозициската партија сметаат дека сега нема пречки за избор на единствениот кандидат. За 31-ви август Груевски, Заев, Ахмети и Тачи начелно се договорија да имаат лидерска средба на која ќе падне конечното решение дали земјава е подготвена за избори во декември. Се бараше прочистување на избирачкиот список, формирање на ад хок тело за следење на медиумите, како и нов уредник на информативната програма на МТВ.

 

Миле Ристески