Новиот ребаланс на буџет пред пратениците

30.08.2016 16:32

Во Собранието- расправа за ребаланс на буџетот. Со прекроената државна каса се предвидуваат дополнителни 36,4 милиони евра за целосно обесшетување на жителите од поплавените места. Приходите остануваат непроменети, расходите и дефицитот се зголемуваат. Власта и опозиција повторно со различни позиции...

Владата пред матичната собраниска комисија го презентира вториот ребаланс на буџетот за 2016-та со кој се обезбедуваат средства за целосно обесштетување на поплавените граѓани. Поголем дел од потребните 40-тина милиони евра се обезбедуваат со зголемување на буџетскиот дефицит, односно со користење средства од еврообврзницата, а делумно со пренасочување заштеди кај одредени буџетски позиции.

„Со измените и дополнувањата на Буџетот за 2016 година се обезбедуваат дополнителни 2,24 милијарди денари за постојана резерва за надминување на последиците од настанатата непогода. Со обезбедувањето на дополнителните средства се врши и ревидирање на буџетскиот дефицит на ниво од четири отсто од БДП“, изјави министерот за финансии, Кирил Миноски.

Опозицијата излезе со 11 амандмани за кратење на 27 милиони евра од, како што велат, непотребни проекти, со што не би се создавале нови долгови.

„Предлагаме да се скратат 10 милиони евра од реконструкцијата и изградбата на административните згради, барокот не треба да биде приоритет пред обештетувањето на поплавените,предлагаме Владата да скрати пет милиони евра од економската промоција и рекламирање на земјава“, изјави Марјанчо Николов од СДСМ.

За владејачката ВМРО-ДПМНЕ ставот на СДСМ е чист политички маркетинг, затоа што единствен начин да им се помогне на поплавените е со ребаланс на буџетот.

„Она што опозицијата сака да го наметне како размислување, дека има пари и не е потребен ребаланс, не држи и е чист политички трик и маркетинг зашто сите проекти предвидени со годинашниот буџет и се почнети како јавни набавки, во моментов, при нивното прекинување, предизвикуваат одредени облигаторни дејства, и последици. Затоа не можат одредени проекти да се прекинат туку така и одредени средства да се префрлат од ваму- таму. Тоа е приказна за мали деца и не треба да се манипулира со граѓаните“, нагласи Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според собранискиот деловник расправата за предлог- ребалансот на буџетот може да трае најдолго 10 дена, а оваа точка на пленарна седница е веќе најавена за 19-ти септември.

 

Свето Николовски