Во петок истекува рокот за пријавување на штети од поплавите
Крајниот рок за пријавување на настанатите штети од поплавите кои се случија на 6-ти август годинава е петок 2-ри септември. 25-те млади правници на терен во поплавените подрачја ќе останат до крајот на септември и ќе помагаат во постапките за пријавување штети. И натаму останува актуелен проблемот со сместувањето на раселените лица од поплавените домови кои досега беа во ученичкиот дом „Партенија Зографски“...

Дел од жителите од поплавените места во Скопско и натаму ќе останат згрижени во ученичкиот дом „Партенија Зографски“. Просторот ќе го делат со учениците за кои почнува новата учебна година. Од установата бараат да се реши проблемот.
„Треба да се размислува дека овие простории треба да се ослободат за краток период. Државата треба да размислува што поскоро да најде начен, или да ги врати во местата каде живееле или да им најде друго сместување“, вели Милисав Јовановски .
Министерот за образование уверува дека училиштата во поплавените места се подготвени да ги примат учениците.
„Ние како министерство за образование обезбедивме за секое дете ранци, прибор и материјали за на училиште“, рече министерот за образование Пиштар Љутфиу.
Во Стајковци сѐ уште се санираат последиците од невремето.
„Направија записник на штетата, сега не знам што треба да се прави, велат дека повторно треба да пријавуваме.“
„Не нема во списокот за пари, го има само син ми во Прокредит банка, а на ниту еден список не фигурира.“
„Еве чекам тука да отклучат, носам и лична карта, да се обратам...“, велат жителите кои ги анкетиравме.
На терен, Здружението на млади правници им помага на жителите побрзо да ги комплетираат потребните документи за пријавување на штетите.
„Ние ќе бидеме на терен во понеделник, среда и петок. Првично започнавме со активности тука во месна заедница Стајковци и во Ченто, а од петок ќе бидеме просутни и во Сингелиќ“, изјави Зоран Даневски.
Времето за пријавување на штетите до надлежните институции станува сѐ пократко.
Во петок истекува крајниот рок до кога ќе може да се пријават штетите. Инаку, досега над 2.500 жители од поплавените подрачја ја добиле аванската помош.
Здравствените тимови и во наредните два до три месеци ќе вршат засилен надзор, за да се спречи евентуална појава на епидемии.
Дијана Ценевска
