Акција „Брана“

Нарко- дилери паднаа во рацете на полицијата

31.08.2016 15:42

Седум лица добија кривична пријава за недозволена трговија со дрога откако МВР вчера спроведе акција за нивно неутрализирање. Петмина членови на групата се уапсени, едно лице е веќе притворено, а полицијата трага по уште еден. При претрес на домовите запленети се различни типови дрога...

Се заортачиле и си направиле мрежа за продажба на дрога. Двајца скопјани заедно со партнерот од Свети Николе тргувале со кокаин, марихуана и со екстази. Ангажирале локални дилери за во нивно име да го туркаат бизнисот, а најголемиот дел од заработените пари си ги ставале в џеб. Маалските препродавачи земале ситен процент од продадената дрога.

Полициската акција за спречување на нелегалната трговија со дрога се одвивала во текот на вчерашниот ден, а завршила рано изутрината, информираат од полицијата. Крвично се пријавени седум лица, од кои шестмина се веќе обезбедени, додека по едно лице полицијата се уште трага.

Меѓу уапсените се и тројцата организатори. При претрес на нивните домови полицијата заплени оружје, пари, мобилни телефони и дел од дрогата којашто не успаеале да ја продадат. Последната акција, како што велат од МВР, е дел од поголемата акција која се води под оперативното име „Брана“  и во која досега се уапсени 30 осомничени, меѓу кои и јавен обвинител, полицаец и директор на општа болница.

Јавното обвинителство за седумтемина осомничени поднесе барање за определување мерка притвор како гарант за нивно присуство во истражната постапка.

 

Анита Димитријевска