Црвен крст: Собрани милион евра за поплавените, ќе се делат од понеделник
Во Црвениот крст се собрани над милион евра хуманитарна помош за жителите од поплавените места. Исплатата ќе почне од понеделник. Според проценките, нешто повеќе од 4 илјади семејства ќе добијат по околу 250 евра. Се уште пристигнува помош од пријателски земји...

4.000 до 4.500 семејства од поплавените подрачја ќе добијат од 230 до 250 евра од Црвениот крст. Според хуманитарната организација исплатата треба да почне од понеделник. Со најавената помош која треба да биде исплатена деновиве на сметката на Црвениот крст ќе легнат над милион евра. Освен пари во меѓувреме треба да пристигне помош во вредност од 300 илјади франци во пакети храна и средства за лична хигиена за 300 семејства.
„Сакам да ве информирам и за уште еден проект кој начелно е одобрен, а се работи за помош од Австрискиот Црвен крст во висина од 550.000 евра. Најголемиот дел од средствата ќе бидат наменети за натамошна помош на 320 семејства од загрозеното подрачје кои ќе добиваат по 500 евра во наредните два месеца. Се работи исклучиво за категорија која е ограничена, а критериум за нивен избор преставува нивната состојба, односно тие се корисници на социјална парична помош“, изјави генералниот сектретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити.
Помош пристигнува и од странските амабасади во земјава. Денеска два шлепера донација пристигна од Романија. Помошта е доставена во Дирекцијата за заштита и спасување која треба да ја распредели во поплавените подрачја.
Наташа Јанчиќ
