Брегизт ја бранува Британија
Британската влада на првата седница по одморите расправа за заминувањето од Унијата. Во меѓувреме, зачестуваат инцидентите предизвикани од омраза. Полски државјанин е убиен во Англија. Го нападнале малолетници бидејќи го говорел мајчиниот јазик...

Британската влада денеска одржува прва седница по летниот одмор, околу заедничкиот договор за пристапот на Лондон кон Брисел во преговорите за заминување од Европската Унија. Состанокот се одржува во време кога медиуми пишуваат за судир меѓу владините министри околу Брегзит и идните односи на Британија со ЕУ. Министерот за финансии Филип Хамонд заговара останување на Британија на заедничкиот европски пазар, „во некои за Британија витални сектори“, додека пак, други министри, сметаат дека земјата треба да го напушти и заедничкиот пазар на ЕУ, како што ја напушта Унијата. На реферерендумот од 23 јуни, британците со тесно мнозинство решија за напуштање на ЕУ.
По Брегзит, новата премиерка Тереза Меј неколкупати изјави дека преговорите за раздружување од ЕУ ќе почнат дури наредната година, кога Велика Британија ќе биде подготвена за преговорите. Засега нема навестување за тоа какви ќе бидат идните британско- европски односи.
Присуството на заедничкиот пазар на ЕУ, значи примена на европските правила за слободно движење на луѓе и работна сила, што беше и причина за референдумот и за излегувањето од Унијата- запирањето или барем да ограничувањето на влегувањето на мигрантите од Унијата.
Во меѓувреме, еден полски државјанин, кој живеел и работел во Велика Британија бил убиен од банда малолетници, само затоа што, како што се наведува, зборувал на полски јазик. Полицијата го оцени нападот и убиството како напад од омраза.
Комисијата на ОН за елиминирање на расизмот минатата недела ја критикуваше ситуацијата во Британија и порастот на напади врз расна и етничка омраза и ги осуди политичарите што во текот на кампањата за референдумот, ја распалија омразата кон странците.
Марина Автовска
