Груевски: ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати сѐ што ќе договорат СДСМ, ДУИ и ДПА

31.08.2016 18:14

ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да потпише се што ќе договорат останатите три партии и нагласи дека остава СДСМ, ДУИ и ДПА да се договорат за петтиот член на ад-хок комисијата...

ВМРО-ДПМНЕ ги прифати сите услови на СДСМ само за да не даде уште едно алиби за одложување на изборите. Ова го порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски пред да ги напушти преговорите.

Тој појасни дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да потпише се што ќе договорат останатите три партии и нагласи дека остава СДСМ, ДУИ и ДПА да се договорат за петтиот член на ад-хок комисијата.

Со оглед дека ние ги кажавме нашите ставови и практично сите работи што ги поставуваа како некакви услови, им ги прифатиме, ги оставаме да се договорат. Ќе дојдеме подоцна, кога ќе бидат готови за да потпишеме што треба, изјави Груевски. 

Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека СДСМ со предлогот главен уредник на МТВ да биде Санта Аргирова која, како што рече, е докажан партиски член на СДСМ која претходно била шеф на Кабинетот на поранешната министерка за надворешни работа Илинка Митрева, а во некое време и висок функционер на СДСМ, покажал дека прави се само за да се одложат изборите.

Нам денеска ни се потврди она што цело време мислевме дека ќе биде, а тоа е дека СДСМ не сака решение во Македонската радио телевизија, која навистина е независна и непристрасна, туку сака партиско решение, истакна Груевски.

Тој додаде дека го прифатиле и ова решение само СДСМ да не можат повторно да ги одложат изборите.

Нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ ја прифатило и Методологијата што ја барала СДСМ и оти останува само трите партии да се договорат за петтиот член на ад-хок групата.

Со тоа што оставивме на останатите партии да се договорат за спорниот член, покажуваме дека ВМРО-ДПМНЕ, како и претходните два пати, е подготвено за избори, рече Груевски.