Договорени избори на 11-ти декември, од утре течат роковите
По седум часовни преговори, избори на 11-ти декември договорија вчера лидерите на четирите најголеми партии во земјава. Дадена е поддршка за изборот на петтиот член на привременото тело за набљудување на медиумите, како и за изборот на Санта Аргирова за уредник на информативната програма на Македонската телевизија, за период од 100 дена пред изборите...

По седум часа разговори, со паузи за внатрепартиски консултации, лидерите на четирите политички партии се договорија предвремени парламентарни избори да има на 11-ти декември. Со потписите, Груевски, Заев, Ахмети и Тачи потврдуваат дека сите услови за одржување избори се исполнети. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски вели дека е задоволен што по толку време, како што додаде, Заев конечно е на чист терен да не може да ги избегнува изборите и да дава изговори и алиби. Денеска за сѐ добија одговор, се им беше задоволено и мораа да ја потпишат изјавата и да излезат на избори на кои народот ќе го има главниот збор, истакна Груевски.
„Направивме многу чекори со цел да ги доведеме СДСМ во ситуација да не можат повеќе да ги одложуваат изборите, да нема каде да бегаат, да мора да се соочат со народот и да му овозможат на народот да излезе на гласање и да си го каже својот збор. Точно знам дека народот на изборите ќе го казни ова дејствување и работење и сето она што и го направи СДСМ на Македонија во изминатите година и половина“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Лидерот на СДСМ Заев вели дека е задоволен што се исполнети минимум услови за избори и дека очекува граѓаните да го кажат последниот збор. Предупреди дека нема да дозволат, како што рече, повторно прекршување на договорот од Пржино и минирање на Специјалното јавно обвинителство.
„На 11 декември ќе ги поразиме сиромаштијата, криминалот, корупцијата, етничките поделби, омразата, партизацијата на институциите, хајките, нарачаните судски процеси и мафијата. Мора да ставиме крај и на иселувањето на младите луѓе и на опустошувањето на земјата. Ве повикувам на масовна мобилизација, сите граѓани за победа на Македонија“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Во албанскиот политички блок не го криеја задоволството од можноста да се стави крај на политичката криза. Како што рече Ахмети, од втори септември почнува почитувањето на сите рокови според договорот. ДПА ќе се однесува конструктивно, изјави Тачи.
„Во основа, треба да се почитуваат сите рокови кои се пропишани во договорот“, нагласи, лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Ние ќе продолжиме да се однесуваме конструктивно. Главната надеж и гаранција за ДПА останува меѓународниот фактор, САД, ЕУ и другите институции што ќе ги набљудуваат изборите во Македонија“, рече лидерот на ДПА, Мендух Тачи.
Меѓународниот фактор верува дека партиите ќе го почитуваат договореното и дека граѓаните ќе имаат можност слободно да ја изразат својата волја.
„Соединетите Американски Држави и Европската Унија се горди што помогнаа во овој процес и веруваме дека ова ќе биде важен чекор за решавање на политичата криза во земјата. Ќе направиме сѐ што можеме, во претстојните недели и месеци да помогнеме и да се осигураме дека ќе има кредибилни избори“, изјави американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли.
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, со заедничко соопштение го поздравија постигнатиот договор на лидерската четворка. Ги повикаа Груевски, Заев, Ахмети и Тачи, строго да ја почитуваат веродостојноста на изборниот процес, за да им се овозможи на граѓаните слободен избор и да се изгради влада која ќе се справи со клучните реформи.
Согласно со договорот, утре треба да се одржи собраниска седница на која ќе биде избрана новата влада за спроведување на изборите. СДСМ треба да предложи министри за внатрешни работи и за труд и социјала и тројца заменици во ресорите финансии, информатичко општество и земјоделството.
Санта Аргирова е новиот уредник на Информативната редакција на МТВ, 100 дена пред изборите. Од сабота почнува и мониторингот на медиумите.
Ад хок телото е во полн состав откако беше договорено петтиот член да биде универзитетскиот професор и поранешен дописник на Вториот програмски сервис на МТВ од Гостивар, Љуљзим Хазири.
Милчо Велески
