Почна учебната година, околу 22.000 првачиња во училишните клупи
Со песна и игра почна новата учебна година. Најсреќни беа околу 22.000 првачиња. Учениците се вратија во училишните клупи. Новата учебна година ќе ја почнат околу 270.000 ученици од кои 188.000 основци и 80.000 средношколци...

Училишното ѕвонче го означи почетокот на новата учебна година за околу 300.000 ученици. За прв пат во училишните клупи седнаа речиси 22.000 првачиња.
Најмалите - највозбудени. Збунети и дотерани, во придружба на родители, ги наполнија училишните дворови со џагор. Ги сретнаа своите соученици, ја запознаа и учителката.
„Среќна сум што ќе бидам прваче... Подготвен сум и среќен...“, велат првачињата.
„Возбудени сме, еден месец се спремаме... Сега ќе почнеме од понеделник, здравје“, велат родителите.
Наставниците велат дека се подготвени за новата учебна година.
„Да се работи се деца е една прекрасна и благородна работа, посебно со првачиња, кои за прв пат се сретнуваат со својата нова наставничка, со нови другарчиња. Секако септември е месец на прилагодување. Како и секоја година, така и оваа сме спремни за успешен почеток и дека навистина ќе имаме една убава и успешна година“, изјави Дафина Ѓорѓиевска, одделенски наставник во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“.
Бројот на запишани првачиња во однос на минатата година е речиси непроменет. Уписите во прво одделение траат и во текот на месецов.
„Оваа година имаме навистина голем број првачиња, досега 127. Овој број е во постојан пораст во однос на минатите години. Очекуваме успешна година со полно училиште ученици“, вели директорот на ООУ „Кирич Пејчиновиќ“, Сашо Јовановски.
„Денеска се отвора 23-тото училиште во Градот Скопје. Ова ќе им овозможи на учениците од Општина Сарај да имаат училиште блиску до нивното место на живеење“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
„Им посакувам се најдобро и многу успешна година и настава“, рече министерот за образование Пиштар Љутфиу.
Наредните денови сите училишта ќе бидат снабдени со нови препечатени учебници. Оваа учебна година, сите основци ќе учат по „Кембриџ“ програмата.
Ана Јосифоска- Тодоровска
