Врие во Косово: Полиција пред собранието и владата во Приштина

01.09.2016 13:15

Врие на Косово поради обележувањето на границата со Црна Гора. Испомешаните национални чувства носат безбедносни предизвици. Самоопределување не се согласува со демаркацијата, поради, како што велат, загубените 8 илјади хектари на црногорска страна. За претседателот Хашим Тачи, точни се единствено картите на НАТО, а не на поранешната ЈНА...

Стотина косовски полицајци со опрема за разбивање на демонстрации се распоредени околу зградите на косовското Собрание и Владата во центарот на Приштина, каде што се одржуваат протести против одлуката за демаркацијата со Црна Гора.

Претседателот Хашим Тачи изјави дека Косово нема да загуби ниту еден метар од својата територија заради демаркацијата на границата со Црна Гора и објасни дека „им верува на мапите на НАТО“, а не „на руските или на југословенските мапи“. Тачи смета дека спогодбата за демаркација ќе биде  ратификувана и дека тоа „ќе го поплочи патот кон либерализација на визниот режим со ЕУ“.

Лидерот на движењето „Самоопределување“ Висар Имери уште еднаш ги повика членовите на косовското Собрание да не гласаат за спогодбата за демаркација и рече дека протестот е најдобрата прилика да и се каже „НЕ“ на косовската влада.

Американскиот експерт за состојбите на Балканот, Даниел Сервер, пак, смета дека демаркацијата на границата со Црна Гора може да го дестаблизира Косово, доколку одредено политичко движење успее да мобилизира насилство.

Покрај договорот за демаркација на Косовско- црногорската граница на дневен ред на денешната седница на парламентот во Приштина е и интерпелација за премиерот Иса Мустафа.

Во меѓувеме, поради протестите, косовската полиција ја подигна готовноста на високо ниво, а засилено обезбедувањето има и околу други државни институции.

 

Марина Автовска