Охридското Езеро порибено со подмладок од пастрмка

01.09.2016 13:51

Уште една акција за порибување на Охридското Езеро со подмладок од пастрмка. Иако Македонија прави сѐ за зачувување на рибниот фонд на овој ендемичен вид риба, министерот Цветков укажа дека без соодветна грижа и на албанскиот дел од езерото тешко дека ќе се овозможи природен прираст на пастрмката...

Охридското Езеро годинава ќе биде порибено со 2, 2 милиони единки рибен подмладок на охридска пастрмка. Како што велат експертите од Хидробиолошкиот Завод, доколку само сто илјади од нив ги преживеат суровите езерски услови, тоа ќе биде сосема доволно за природен прираст на пастрмката. Но, за такво нешто не може да стане збор се додека рибниот фонд на овој ендемичен вид риба не биде соодветно заштитен и во албанскиот дел од езерото.

„Се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик со другата страна се во интерес на заштитата на охридската пастрмка, а ние како што реков без разлика на тоа ќе продолжиме и понатаму да го порибуваме Охридското Езеро“, изјави Михаил Цветков, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Процесот на порибување на езерото со подмладок на охридска пастмка започна на 22 август и досега во езерските води се пуштени еден милион и 625 илјади единки.

„Порибувани се оние локалитети каде што во суштина е колекционирана самата риба, односно икрата. Тоа се Пештани, Трпејца, Охрид, односно Вирче, Калишта, Радожда и Струга“, вели Елизабета Вељаноска Сарафилоска, директор на Хидробиолошки Завод-Охрид.

Министерот Цветков рече дека државата е подготвена на Хидробиолошкиот Завод да му исплати по 4 денари за секоја одгледана единка охридска пастрмка, така што без разлика што договорот за порибување е на десет милиони денари или 2, 5 милиони единки, државата ќе исплати за секоја дополнителна единка.

 

Сашо Нелоски