Почна учебната година во Стајковци, училиштето е обновено

01.09.2016 15:24

Училиштето „Свети Кирил и Методиј“ во Стајковци подготвено ги пречека основците, извршена е неопходната санација на оваа установа. Продолжува обесштетувањето на жителите со авансираната помош...

Во изминатиов месец служеше како кризен штаб, сега ги отвори вратите за учениците.  Почна наставата во „Кирил и Методиј “ во скопско Стајковци, за прв пат во клупите седнаа 43 првачиња. По поплавите, училиштето е обновено.

На првачињата им беа донирани ранци, а прибори добија сите деца од училиштето. Се е подготвено и за воведување на  дневен престој, се чека зелено светло од Министерството за образование. 

Жителите на Стајковци кои сѐ уште не ја добиле авансната помош ги очекуваат новите списоци. Надлежните апелираат - оние кои се уште немаат пријавено штета да го сторат тоа во нивните општини.

Неколку дена на жителите им помагаат и од  Здружението на млади правници за да можат побрзо да  ги комплетираат потребните документи за пријавување на штетите.

Крајниот рок за пријавување на настанатите штети е утре. Жителите од поплавените подрачја кои досега ги немаат пријавено штетите може да го направат во општините Гази Баба, Арачиново, Илинден, Шуто Оризари и Тетово, или пак во подрачните единици на Министерството за земјоделство шумарство.

Жителите од поплавените места ќе бидат целосно обесштетени.

 

Наташа Гркова- Петрушевска