Одложено судењето на новинарот Зоран Божиновски
Се одложува судењето против новинарот Зоран Божиновски откако е востановено дека Апелацискиот суд не ги доставил доказите од предметот, по што надлежниот Кривичен суд и адвокатите не можеле да се подготват за судењето. Пред судот протестираше Здружението на новинарите, бараат ослободување на Божиновски...

Повреди во водењето на постапката и во правото на одбрана – ова се наодите кои пред Апелацискиот суд ги истакнаа адвокатите на обвинетите во случајот „Шпион“. Бараат да се укине првостепената пресуда, која според нив е необјективна и не докажувала кривично дело шпионажа.
Скопска единица прогласи за виновни 18 лица за шпионажа, уцена и за злосторничко здружување. За новинарот Зоран Божиновски, кој беше опфатен со истата кривична пријава, беше издвоена постапката бидејќи не и беше достапен на полицијата. Беше уапсен во Србија и екстрадиран во земјава, по што му е изречен притвор. Стартот на судењето беше одложен затоа што, како што образложи судијата, целокупниот доказен материјал се наоѓа во повисокиот суд кадешто се постапува по жалбите на обвинетите во „Шпион“.
Новинарите и членови на ЗНМ изутрината протестираа пред скопскиот Основен суд. Побараа случајот на Божиновски да го преземе СЈО, а новинарот да биде пуштен од притвор.
Ново рочиште за судење на Божиновски е закажано за 27-ми овој месец.
Анита Димитријевска
