Акција „Мрежа“: Приведени нарко дилери од Струга и Велешта
Министерството за внатрешни работи продолжи со акцијата „Мрежа“. Во раните утрински часови беа извршени претреси кај две лица еден на подрачјето на градот Струга, а другиот претрес беше извршен во село Велешта. Од спроведеното криминалистичко истражување дојдено е до сознанија дека се работи за организирана криминална група која делувала на подрачјето на Струга, Кичево, Гостивар и Охрид...

Дваесетиосумгодишен стружанец набавувал кокаин и марихуана од соседна Албанија, па во својот дом во село Велешта ги препакувал во помали количини. Организирал мрежа на препродавачи, кои добивале одреден процент за дрогата што ја продавале по различни цени и количини.
Полицијата при извршениот претрес во село Велешта пронашла 25 паковки со прашкаста материја, дел скриени во кутија од шумливи таблети, потоа остатоци од марихуана, околу 2.000 евра, куршум, повеќе мобилни телефони и други вредни предмети (кои најверојатно биле оставени како залог за купување дрога) и лични документи.
Ќе биде поднесена кривична пријава против три лица, сите од Струга. Од Министерството најавија дека актиностите во рамките на акцијата „Мрежа“ ќе продолжат во идниот период и во други градови.
Фиљана Кока
