„РЕМ“ на Рисимкин ја освои уметничката елита во Пекинг

01.09.2016 16:31

Балетот „РЕМ“ на Рисимкин ја освои уметничката елита во Пекинг. Премиерно беше изведен на завршната церемонија на интернационалниот фестивал за современ танц. Ова е првпат македонска кореографка да постави дело во Кина...

Сонот на Рисимкин остварен во Кина. На големата сцена на театарот „Девет“ во центарот „Чаојанг“ во Пекинг, како завршна претстава премиерно беше изведена праизведбата на „РЕМ“. Патувањето низ еден интимен, имагинативен свет, кој во својата целосна убавина се отелотворува пред очите на публиката, предизвика големо воодушевување и внимание меѓу уметничката елита на Пекинг. Музиката за претставата ја подготви „Љубојна“, а костимите се на Благој Мицевски, додека дизајнот на светло, кореографијата и режијата се на Рисима Рисимкин.

„Најпрвин би сакала да се заблагодарам за овој преубав фестивал. Да се биде тука навистина е прекрасно и важно за современиот танц. Фестивалот имаше одлична атмосфера и преубави изведби коишто можевме да ги видиме на него“, изјави Рисимкин.

Интернационалниот фестивал за современ танц предводен од уметничкиот директор Џао Си ги следи светските тенденции во современиот танц и важи за еден од најактуелните фестивали во Кина кој на кинеската публика и пласира компании со исклучително висок квалитет во уметничките достигнувања. 

Во годинашната програма настапија повеќе светски реномирани компании, меѓу кои „Мари Хоинард“ од Канада, „Артс Принтинг Хаус“ од Литванија, „Хиноки“ од Унгарија и уште многу други. Како посебен настан беше одбележано предавањето на Едуар Лок од познатата „Ла Ла Ла Хјуман Степс“- компанија од Њујорк.

 

Бојана Крстевски