Жив, но во крв најден киднапираниот украински активист

31.01.2014 10:28

Водечкиот украински антивладин активист Дмитри Булатов, кој беше исчезнат повеќе од една недела, се појави жив, но облеан во крв...

Водечкиот украински антивладин активист Дмитри Булатов, кој беше исчезнат повеќе од една недела, се појави жив, но облеан во крв. Тврди дека бил киднапиран, измачуван и му бил пресечен дел од увото, од мажи кои имале руски акцент, по што бил фрлен во околината на Киев.

„Ме распнаа и ме заковаа со клинци. Ми ги сечеа лицето и ушите. Имам рани по целото тело, но фала му на бога, жив сум“, посведочи Булатов.

Според „Хјуман рајтс воч“, украинската полиција нападнала и повредила десетици новинари и лекари, додека ги разбивала демонстрациите.

„Во многу прилики беа намерна цел – некои тепани, директно стрелани со гумени куршуми, им беше кршена опремата, многумина беа погодени од шрапнелите од шок-гранатите“, рече Ана Неистат од „Хјуман рајтс воч“.

Докторите велат дека Булатов претрпел голем број повреди неопасни по животот. Неговата група им доставуваше намирници на демонстрантите и ги разубедуваше демонстрантските лидери обвинети за поттикнување насилства. На Мајданот за директно одговорен го сметаат претседателот Јанукович и се сомневаат во неговата болест поради која зеде отсуство.

„Мило ни е што го најдоа Дмити Булатов. Го измачувале, а тоа не смее да му се случи веќе никому Влада на цивилизирана земја не дозволува такви работи“, вели Алина Колцова, демонстрант од Киев.

„Сакаат да не исплашат, но народот нема страв, дури ни од измачувањата и киднапирањата. Народот останува овде“, порача Михало, демонстрант од Лавов.

Опозицијата вели дека во протестите загинале 7 луѓе. Телото на еден активист беше најдено фрлено во шума, недалеку од местото кадешто Булатов бил најден жив. Украина, заедно со Сирија и Иран, ќе биде тема на Конференцијата за безбедност во Минхен на шефови на држави и влади. На 6 февруари во Киев ќе допатува и заменик-државната секретарка на САД, Викторија Нуланд.

 

Ивана Салтировска