Иванов: ЕУ да го исправи досегашниот погрешен пристап кон Македонија

02.09.2016 15:00

Новоименуваниот шеф на делегацијата на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар му ги предаде акредитивните писма на шефот на државата Иванов. Унијата со нетрпение очекува со договорот на лидерската четворка со посредство на меѓународната заедница да се надмине политичката криза, нагласи евроамбасадорот. Претседателот Иванов изрази надеж за што побрзо деблокирање на евроинтеграциските процеси...

Блокирањето на евроатланската интеграција на Македонија е пример како не треба да се гради безбедноста во регионот, вели претседателот Иванов. Во време на сериозни предизвици како за Европа, за регионот и за Република Македонија, крајно време е за промена на пристапот, додаде шефот на државава.

Ние, вели сме подготвени да го преземеме својот дел од задачата за иднината на Европската унија. Иванов изрази надеж, дека земјите- членки на Унијата, од примерот со Македонија ќе извлечат поуки и покрај сите предизвици, Унијата ќе го исправи досегашниот погрешен пристап кон Македонија.

„Верувам дека Унијата ќе го исправи досегашниот погрешен пристап кон Македонија. Во спротивно, доколку Македонија и по следните избори не добие датум и не ги започне пристапните преговори, прашање на време е кога ќе се соочиме со следна политичка криза“, изјави претседателот Ѓорге Иванов.

Евроамбасадорот Жбогар со порака- Унијата со нетрпение очекува да се реши долготрајната политичка криза.

„Во критични времиња и за вас и за Европската унија, Унијата со нетрпение очекува да ја решите долготрајната политичка криза и процесот потпомогнат од ЕУ и од САД и главните политички партии. Одговорноста, упорноста го ставаат интересот на вашата земја на прво место“, рече Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија.

Остануваме посветени, рече Иванов, на спроведување на сите неопходни реформски процеси, очекуваме не само декларативно, туку со конкретни чекори Унијата да ги охрабри напорите на нашата земја на патот кон нејзината целосна интеграција.

 

Наташа Гркова- Петрушевска